Еден од најистакнатите ракометари во поновата европска историја, Иван Чупиќ, денес го одбележува својот 40-ти роденден, зад себе оставајќи кариера исполнета со врвни достигнувања, трофеи и длабока трага во ракометниот свет.
Поранешниот Хрватски репрезентативец, роден во Метковиќ, изгради импресивен спортски пат настапувајќи за повеќе значајни европски клубови. Кариерата ја започна во РК Метковиќ, а потоа следуваа ангажмани во Медвешчак Загреб и Горење Велење. Својата класа ја потврди и на највисоко ниво во германската Бундеслига со Рајн Некар Левен, како и во полскиот гигант Киелце, со кој ја освои титулата во ЕХФ Лигата на шампиони.
Сепак, посебно место во неговата кариера зазема периодот во РК Вардар, каде беше дел од генерацијата која испиша историја освојувајќи две европски титули (2017 и 2019), со што засекогаш се врежа во колективната меморија на македонската спортска јавност. По настапите за ППД Загреб, Чупиќ повторно се врати во Скопје, продолжувајќи ја својата ракометна приказна, но овојпат како тренер на РК Вардар 1961, каде денес го пренесува своето искуство и визија на новите генерации.
Екипата на Спортското радио од Скопје му го честита јубилејниот роденден на Иван Чупиќ, со искрени желби за здравје, професионални успеси и нови достигнувања во тренерската кариера. Чупиќ останува пример за посветеност, лидерство и спортска величина – вредности кои го одбележаа неговиот пат и го позиционираа меѓу најпочитуваните имиња во европскиот ракомет.

