Американецот со македонски пасош, Џејкоб Вајли, денеска против Италија треба да го има своето деби во дресот на Македонија. Кошаркарот на шпанската Гран Канарија, вели дека е максимално подготвен за сето она што го носат наредните пет дена во Русија.
„Како што забележавте и вие, немавме многу среќа во изминатите два месеци. Затоа се трудиме и работиме напорно. Се подготвувавме да бидеме спремни за овој “прозорец’… Кои се нашите очекувања на турнирот во Русија? Да се бориме, во секој натпревар да влеземе со верба во себе, во своите можности, и во тимската работа. На секој меч да се бориме и да бидеме компетитивни“.
Американецот со македонски пасош ја потенцира атмосферата во тимот како една од клучните во реализацијата на потцртаните планови. Но и еден друг, исто така, важен момент…
„Не е тоа отсега, и порано, кога бев со тимот, имавме навистина добра хемија. Момците играат долго време заедно, згора на тоа и на едно професионално ниво. Мора да го истакнам и тоа, дека сум навистина импресиониран со младите момци во тимот, нивниот развој во однос на овие последни два месеци, и што го гледам сега додека сме на тренинзите заедно“.

