Актуелниот македонски првак, Вардар 1961 ги промовираше дресовите за новата сезона. Првиот човек на клубот, Михајло Михајловски објасни дека од спортскиот бренд „Хумел“ имале пракса да го менуваат изгледот на секои две години.
Во новите дресови на промоцијата се појавија Едуардо Гурбиндо, Бакари Диало, Филип Талески, Тимур Дибиров и Али Сафар. На денешната прес-конференција, Михајловски ги истакна и своите очекувања од сезоната, но зборуваше и за проблемот со условениот настап на вардар во Лигата на шампионите од страна на ЕХФ.
„Имавме еден хедикеп и доста нервози кога ЕХФ соопшти дека нашиот настап во ЛШ поради старите обврски поточно долгови е ставен под знак прашалник. Станува збор за тројца играчи кои го пријавиле Вардар поради неисплатени средства. Сергеј Самсоненко излезе во пресрет, си озбебеди пари, се исплатија играчите, беше дадена сума од 700.000 евра, а останатите 300 илјади се префрлени како депозит, и тие средства можат да се искористат.
Сега имаме чист терен и бараме обновување на договорите со сите спонзори“, изјави Михајло.
За натпреварувачкиот дел, првиот човек на Вардар додаде:
„Стоиме на ставот дека сме посилни од минатата сезона. Поразот од Еурофарм Пелистер во Суперкупот не боли, но не не загрижува. На 26 август го имаме прв сериозен натпревар со ППД Загреб, четвртфинале во СЕХА-лига“.