Вечерва не очекува уште еден ракометен спектакл, во салата „Јане Сандански“ се игра дербито меѓу Вардар 1961 и Алкалоид, натпревар кој има огромно значење за двете екипи.
За „црвено-црните“ е јасно дека овој дуел и победа ќе ги доближи на само еден бод до враќање на шампионската титула. Во таков случај, Вардар би имал можност тој клучен бод да го обезбеди во следното коло против големиот ривал Еурофарм Пелистер исто така на домашен терен и по три години да го симне Еурофарм Пелистер од тронот.
Од друга страна, Алкалоид доаѓа со свои амбиции и сака да ги покаже своите квалитети во ова дерби. Тимот од Автокоманда ќе атакува на победа со цел да ги зачува шансите за позициите кои водат во Европска лига, па јасно е дека ќе даде максимум за да направи изненадување. Овие два тима се сретнаа пред само една недела во полуфиналето на Купот на Македонија, каде Вардар победи и се пласираше во финалето каде подоцна славеше над Охрид.
Покрај тоа вечерашниот натпревар ќе биде од посебно значење за вардарци, затоа што клубот ќе го прослави својот 65. роденден. По тој повод ракометарите на терен ќе истрчаат со специјални ретро дресови, а клубот најави голема забава за навивачите.
Натпреварот меѓу Вардар и Алкалоид се игра во салата „Јане Сандански“ со почеток од 18:00 часот.

