По победата на гостувањето кај Монпелје на отворањето на вториот дел од сезоната во Лигата на шампионите, Вардар вечерва го игра клучниот натпревар за пласман во осминафиналето во ова натпреварување. Доколку момците на Давид Дејвис Камара сакаат да останат во игра за елиминациона фаза во елитата, вечерва мораат да слават над ППД Загреб.
Натпреварот меѓу овие две екипи кои многу добро се познаваат ќе го даде одговорот за вистинскиот квалитет на Вардар во овој момент. Со доаѓањето на Дејвис на местото на Вујовиќ, „црвено-црните“ видно го променија стилот на игра, но сè уште имаат простор за напредување во играта.
Победата над францускиот тим беше извојувања меѓу два порази од хрватскиот вицешампион Нексе Нашице. Секако дека СЕХА лигата не е на рангот на Лигата на шампионите, но во овој момент секоја победа е добредојдена за подиграње на самодовербата на ракометарите на Вардар, која беше загубена по лошите настапи и резултати во есенскиот дел од сезоната.
Дејвис најверојатно одново ќе мора да импровизира во нападот, затоа што поради повреда нема да може да смета на првиот организатор Анте Гаџа, но вечерва би можел да дебитира новото засилување, младиот Стефан Додиќ, кој пред неколку дена од Охрид се пресели во редовите на шампионот.
Противникот на Вардар, ППД Загреб е во добра форма во Лигата на шампионите и доколку избегне пораз во Скопје, многу веројатно ќе се најде меѓу најдобрите во најсилното натпреварување на ЕХФ.
Мечот меѓу Вардар и ППД Загреб се игра вечерва во салата „Јане Сандански“, со почеток од 20:45 часот.