Денес се игра финалето на ракометниот Куп на Макеоднија, а во завршницата за титулата ќе се борат двете најквалитетни екипи во нашата земја. Вардар и Еурофарм Пелистер не дозволија изненадување и оваа сезона ќе се сретнат во финалето од завршницата во Купот на Македонија.
Ривалството меѓу Скопје и Битола се врати, по повеќе од една деценија битолскиот клуб е конкурентен за трофеите, па вечерва во салата „Јасмин“ во Кавадарци нè очекува уште еден возбудлив и неизвесен дуел, кој ќе биде зачинет и со присуство на двете навивачки групи. „Комити“ и „Чкембари“ кои најавија свое присуство во Кавадарци, што ќа му даде дополнителен квалитет на завршниот ден од Купот на Македонија.
Двете екипи оваа сезона одиграа четири натпревари во домашниот шампионат и уште по еден во Суперкупот на Македонија и Струшниот турнир. Во Суперлигата Вардар е поуспешен со две победи, реми и еден пораз, а „црвено-црните“ беа поуспешни и во Струга. Еурофарм Пелистер пак славеше во Суперкупот и по долга пауза освои домашен трофеј. Вардар е најтрофеен во ова натпреварување со 14 титули, а битолскиот тим има шест, од кои последниот го освои пред седумнаесет години.
Финалниот натпревар меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер започнува во 19:30 часот, а ќе можете да го следите и низ нашата програма.