Откако го направија историскиот успех со пласманот во финалет, ракометарите на ГРК Охрид вечерва ќе го предизвикаат Вардар 1961 во битката за трофејот во Купот на Македонија.
Бранителот на трофејот повторно дојде до финалето во натпреварувањето, а таму за противник ќе го амбициозниот тим на Охрид кој оваа година за прв пат игра во финале, а паралелно се бори за второто место во шампионатот.
Во полуфиналето охриѓани демонстрираа моќ, го победија Еурофарм Пелистер и со убедлива игра стигнаа до ова за нив историско финале. Како поминуваше сезоната , така се зголемуваа амбициите н аклубот од Охрид, а тие сигурно ќе пораснат во следната сезона, но сега имаат шанса д аја завршат со трофеј во Купот на Македонија.
Вардарци се убедливо најтрофејниот колектив во ова натпреварување. Досега имаат 17 трофеи во Купот, додека сите останати заедно имаат вкупно 15. Избраниците на Иван Чупиќ ќе мора сериозно да се испотат за да направат нов успех и да зачекорат кон двојна круна во мак-ракометот, бидејќи титулата во шампионатот им е на дофат.
И во женското финале ќе има еден дебитант, а тоа ќе биде ЖРК Спартак од Кисела Вода. По изненадувањето против Чаир, овој скопски тим ќе го предизвика ланскиот освојувач на трофејот Ѓорче Петров кој повторно важи за огромен фаворит.
Женското финале во салата „Парк“ во Струмица се игра во 17:00 часот, додека машкото е на програмата во 20:00.

