Ракометарите на Вардар вечерва треба да играат уште едно финале во СЕХА лигата, а како противник го има добро познатиот ривал унгарскиот гигант Веспрем.
Досега, овие две екипи одиграа две финалиња во ова натпреварување и имаат половичен ефект. Веспрем го победи Вардар за трофејот во 2016 година, кога во Вараждин беше 28:26, додека следната сезона во Брест славеше нашиот тим со 26:21. Пред нешто повеќе од една година овие ривали имаа и едно европско финале во 2019 година, кога Вардар по втор пат ја освои титулата во Европа.
Од тогаш работите се променија, па Веспрем е голем фаворит пред вечерашната средба. Вардарци со реновиран тим, предводен од Стевче Алушовски ќе го имаат најголемиот тест по реконструкцијата на тимот и ќе имаат шанса да покажат дали ќе можат да се борат со најдобрите екипи од Европа.
Веспрем е тим каде играат неколку поранешни играчи на Вардар, Манасков, Шишкарев, Борозан, Македа и Мораеш ќе играат против своите поранешни соиграчи. Унгарскиот тим имаше добар настап во полуфиналето против Мешков Брест, посебно во вториот дел, а вечерва ќе имаат можност да ја освојат 3-та титула во СЕХА лигата, а доколку Вардар успее да дојде до трофејот тоа ќе биде негов шести пехар во СЕХА лигата.
Средбата во Задар вечерва се игра со почеток од 20:30 часот, додека од 18:00 ќе се одигра дуелот за третото место меѓу ППД Загреб и Мешков Брест.

