Ракометарите на Вардар во сабота со почеток од 17:30 часот го пречекуваат Веспрем во натпреварот од 12. коло од Лигата на шампионите. Во пресрет на мечот денеска на прес-конференција зборуваа тренерот Роберто Гарсија Парондо и капитенот Стојанче Стоилов.
Позитивна вест за „вардарци“ е враќањето на Вуко Борозан и Рожерио Мораеш кои беа отсутни околу два месеци поради повреди.
„Тежок меч, како и сите други во Лигата на шампионите. Имаме уште три натпревари до крајот на групната фаза, а Веспрем е еден тежок, незгоден ривал, со најдобар состав во Лигата на шампионите и голем потенцијал. Заради тоа мора да играме добро од почетокот до крајот на мечот, ако сакаме да дојдеме до двата поени“, вели Парондо.

Капитенот Стоилов потенцира дека сите се подготвени за новиот предизвик.
„Рајн Некар ги победивме на гости и со тоа си ја олеснивме задачата во трката за второто место во групата. Но, тоа не треба да не опушти. Веспрем игра во нагорна линија, а ние сме максимално подготвени за нив“, вели тој.