Вардар беше подобар од Мешков Брест во ½ финалето на СЕХА Гаспром лигата и си обезбеди уште едно финале во кое ќе се бори за својата 5-та титула. Вардар во драматичен натпревар го совлада домашниот тим на Мешков со 25:23 (14:10).
Ракометарите на Вардар добро го започнаа натпреварот и на стартот имаа предност од 2:1 и 3:2, но во 7 минута од натпреварот Мепшков Брест поведе со 4:3.
„Вардарци“ ги консолидираа своите редови и во 14 минута повторно дојдоа до водство од 7:6, па од тој момент константно ја одржуваа предноста и ја зголемуваа до максимални +4 во 22 минута (11:7). Домашните ракометари се заканинја и намалија на 12:9 во 29 минута, но потоа следуваа два гола преку Кристопанс, оној вториот во последната секунда за водство од 14:10, резултат со кој се отиде на одмор.
Во вториот дел многу подобра игра на домашниот тим кој успеа да го намали водството на Вардар, а во 43.минута и да дојде до израмнување од 17:17. Првото водство за Мешков беше во 45.минута кога водеа со 19:18, за потоа да се игра гол за гол, а во финишот во 54 минута Вардар да дојде до водство од 23:21 кое го одржуваше до крај, а благодарение на голот на Карачиќ во последната минута да дојде до водство од 25:22, за на крајот домашната екипа само да намали на 25:23, што беше и конечен резултат.
Најефикасни во редовите на Вардар беа Стоилов кој постигна 7 гола од исто толку обиди и Кристопанс кој реализираше 5 гола, додека голманот Милосављев го заврши натпреварот со 15 одбрани. Кај екипата на Мешков Брест најефикасни беа Баранау, Обрадовиќ и Ѓорѓиќ со 3 гола.
Вардар утре од 19 часот ќе игра во финалето на Ф4 во СЕХА лигата против екипата на ППД Загреб и ќе се бори за својата 5-та титула во ова натпреварување.