Ракометарите на Вардар вечерва го пречекуваат францускиот Нант во второто коло од Лигата на шампионите, во натпревар во кој македонскиот шампион ќе се обиде да стигне до првата победа во новата сезона.
„Црвено-црните“ во дуелот влегуваат со сериозни проблеми околу составот. Поради повреди или други причини нема да настапат Стојановски, Бомаштар, Лазаревски и Митровиќ, додека неизвесен е и настапот на Педро Да Силва.
За Вардар победата е особено важна во борбата за пласман во ТОП 12 фазата од најелитното европско клупско натпреварување. Нант, пак, пристигнува во Скопје во одлично расположение, по убедливата победа со 38:28 над Екс-ан-Прованс.
Во составот на францускиот тим повторно е и голманот Иван Пешиќ, кој се враќа откако го пропушти натпреварот против Висла Плоцк.
Вардар и Нант досега одиграле два меѓусебни натпревари, во сезоната 2017/18, а двете екипи забележале по една победа – секоја на домашен терен.
Новиот дуел е закажан за 18:45 часот во СЦ „Јане Сандански“, каде Вардар ќе ја има поддршката од домашната публика.

