Актуелниот шампион на Европа и шампион на Македонија, Вардар е непрепознатлив со својата игра од минатата сезона.
Вардар денес доживеа уште еден убедлив пораз , овој пат на гостувањето во Унгарија кај Веспрем. „Црвено-црните“ загубија со убедливи 39:30, а самиот резултат зборува колку лошо Вардар играше во одбрана на оваа средба. На полувреме домашниот тим имаше предност од 21:17, а тоа значи дека Вардар не успеваше да најде решение за нападот на Веспрем, слично се играше и во вториот дел кога буквално се распадна играта на Вардар, а тоа знаеше да го казни домашната екипа која ја зголемуваше предноста која дојде и до десет голови разлика 37:27, за сепак во финишот Вардар да дојде до конечните 39:30.
Новиот тренер Кокшаров се обиде со се што располагаше на клупата, па дури и со три голмани кои ги ротираше да го врати својот тим, но не успеа.
Најдобар кај Веспрем беше Лауге Шмид со осум гола, Нилсон даде шест, а Ненадиќ заврши со пет, додека македонскиот репрезентативец Дејан Манасков имаше три гола. Кај Вардар, Тимур Дибиров постигна осум гола, а Дисингер постигна пет гола.
Сега следува ЕХФ неделата која ќе биде добредојдена за средување на редовите на Вардар затоа што во наредното коло на ЛШ се враќаат на домашен терен и го пречекуваат тимот на Мешков Брест.