Ракометниот шампион на Македонија, Вардар, вечерва го очекува последниот натпревар од оваа сезона во СЕХА Гаспром лигата, финалето против екипата на ППД Загреб кое го играат во Брест, Белорусија.
Нашите ракометари синоќа во интересен натпревар го совладаа домашниот тим на Мешков со 25:23, додека ППД Загреб беше подобар од Нексе со 28:23. Со овие победи Вардар и Загреб си закажаа уште една пресметка за титулата во СЕХА лигата, нешто што имаа и минатата година во Скопје кога Вардар славеше со 26:24.
Македонскиот прва и актуелен шампион на СЕХА лигата има шанса да ја освои титулата во ова натпреварување по трет пат во серија или 5-ти во својата историја, но за тоа да се случи ќе мора да ги заборават натпреварите кои ги одиграа против истиот противник пред само неколку дена кога славеа на двата натпревари во 1/8 финалето од Лигата на шампионите кога победија во Загреб со 27:18 и во Скопје со 32:30.
За Вардар треба да биде предупредување тоа што ППД Загреб е еден од ретките тимови во СЕХА лигата кој ги има совладано, а од друга страна мотивот кај ракометарите од Хрватска ќе биде голем за да му се реваншираат на Вардар за убедливиот пораз во ЛШ. Токму затоа и од страна на нашите ракометари не сакаат да веруваат во лесен натпревар затоа што сепак ова е финале, една средба која може да ја одлучи една топка, еден гол или една одбрана на голманите.
Средбата меѓу Вардар и ППД Загреб се игра вечерва во 19 часот во Брест, а како предигра на ова финале се игра и мечот меѓу Мешков Брест и Нексе од 16.30 часот, а тој натпревар е за 3.место во СЕХА лигата.

