Ракометарите на Вардар со блескава партија во СЦ Јане Сандански успеаа да го совладат Пик Сегед со 31 спрема 23 (14:12) во првиот меч во 1 /4 финалната фаза во Лигата на шампионите.
Четата на Парондо во последниот сезонски дуел на домашен терен во елитната конкуренција одигра фантастично и „набилда“ посакувана позитива за возвратниот меч во Унгарија. „Црвено-црната“ фурија во величествена атмосфера пред околу 7.000 фанови тотално го надигра и го прегази противникот во вториот дел.
Нападот беше прецизен, одбраната гранитна, луцидните потези ја „запалија“ публиката. Карачиќ и Кристопанс со по 8 и Скубе со 6 голови отскокнаа на листата на стрелците кај домаќинот додека кај гостите се истакнаа Банхиди со 5 и Камлан и Балож со по три гола. Вториот дуел меѓу ПИК Сегед и Вардар е закажан на 5 мај.

