Екипата на Еурофарм Пелистер очекувано убедливо загуби од фаворитот Веспрем во својот прв историски настап Ф4-турнирите во СЕХА-лигата. Еурофарм Пелистер загуби од Веспрем со 27:41 и ќе мора да се задоволат со меч за третото место во регионалното натпреварување. Ривал на пелистерци во битката за бронза во малото финале ќе биде хрватски Нексе, додека Веспрем за СЕХА-титулата ќе игра со ППД Загреб.
Битолчани беа рамноправен противник само во првите неколку минути, а подоцна екипата на Веспрем дојде до предност која од минута во минута ја зголемуваше за на пполувреме да заминат на одмор со предност од 24:16.
Веспрем моќно го почна и вториот дел и со серија голови дојде до двоцифрена предност (28-18). До крајот на мечот работите не се менуваа, па силната екипа на Веспрем заслужено се пласираше во финалето каде ќе игра за нова СЕХА-титула.
Микита Валјупов беше најдобар кај Веспрем со осум гола, а по него според постигнатите голови беа Мануел Штрлек, Андреас Нилсон и Јахја Омар кои дадоа по шест гола. Кај Еурофарм Пелистер прво име кај стрелците беше Усама Хосни со шест, пред Руди Сери со пет реализации. Кај голманите, Владимир Цупара имаше десет одбрани, додека кај пелистерци, Урбан Лесјак имаше пет, а Марко Кизиќ четири одбрани.