Репрезентацијата на Словенија имаше доста проблеми на подготовките, кога голманот Урбан Лесјак поради позитивен тест мораше да оди во самоизолација, но за среќа вирусот не се прошири меѓу останатите членови на тимот. Селекторот Љубомир Врањеш, во пресрет на дуелот со Македонија вели дека неговиот тим го постигна посакуваниот напредок, а радува и енергијата на момците.
„И покрај напорните тренинзи, тие го задржаа фокусот. Ми се допаѓа ова што го гледам, напредокот е забележлив. Ме смирува. Во последниот дел од подготовките се фокусиравме на нашата игра. Една од нашите главни задачи беше да го подигнеме ниво на агресивност“, изјави Швеѓанецот на клупата на Словенија, кој пред мечот со Македонија изјавил дека не се плаши од ниту еден свој конкурент. Во моментов го интересира само натпреварот против Македонија, но призна дека подготовките за овогодинешното големо натпреварување биле многу понапорни од ланските.