И Конор Мекгрегор и Хабиб Нурмагомедов ќе бидат привремено суспендирани. Вака одлучи атлетската комисија при државата Невада во САД.
Двајцата се информирани дека во следните 10 дена ќе бидат под суспензија. Расправата за случувањата на нивната борба ќе се одржи на 24 октомври кога претседателите и комесарите на Спортската комисија на Невада ќе гласаат за тоа дали Мекгрегор и Нурмагомедов ќе бидат суспендирани на неопределено време до очекување на резултатите од нивните истраги.
На УФЦ 229 настанот минатата сабота во Лас Вегас каде што Нурмагомедов го победи Мекгрегор со „гушење” во четвртата рунда, рускиот борец го прескокна кафезот, по што го нападна тренинг партнерот на Мекгрегор, Дилон Данис. Веднаш реагираше и Ирецот кој исто така упати удар кон еден од членовите на тимот на Нурмагомедов.
Нурмагомедов, најверојатно, ќе добие санкција поради започнување на тепачка веднаш после борбата.