Франција и Хрватска денес го играат финалето на СП во Русија, последниот натпревар на Мундијалот кој ќе биде запаметен по неколку новитети кои беа воведени на завршните натпреварувања од СП, но исто така и по големиот број на изненадувања.
Франција по трет пат во својата историја игра во финалето на Светското првенство. „Петлите” го освоија Мундијалот 1998 на домашен терен, а осум години подоцна во Берлин загубија од Италија. Хрватска направи импресивен настап на светското во Франција пред 20 години, кога загуби од идниот шампион во полуфиналето и сегашната генерација има шанса да им се реваншира.
„Ватрените” се исто така првиот балкански тим кој дојде толку далеку во борбата за светската титула, што е исклучително достигнување за една 4-милионити држава. Во таборот на Франција се свесни дека емоциите ќе се кај Хрватите и затоа ќе мора да дадат се од себе за да не го загубат ова финале. Селекторот Дидие Дешамп нема да менува ништо во почетниот состав во однос на полуфиналето со Белгија, кога победија со 1:0.
Неговиот колега Златко Далиќ, исто така, не предвидува промени. Во последните денови Хрватите не тренираа интензивно, повеќе се посветија на добар одмор за да ги сочуваат силите и да го надминат заморот од трите последователни натпревари со продолженија кои ги одиграа во Русија.
Интересен факт за овој натпревар е тоа што Хрватска сé уште нема победа над Франција. Двата тима одиграа пет натпревари меѓу себе, а Франција има 3 победи, а два пати овие две екипи одиграле нерешено. Денешниот натпревар не предвидува нерешено како опција, па очекуваме немилосрдна борба на теренот на стадионот „Лужники“ во Москва.
Можни состави:
Франција: Лорис, Павар, Варан, Умтити, Ернандез, Канте, Погба, Мбапе, Гризман, Матуиди, Жиру.
Хрватска: Субашиќ, Стриниќ, Вида, Ловрен, Врсаљко, Ракитиќ, Модриќ, Брозовиќ, Ребиќ, Манџукиќ, Перишиќ.