Ракометарите на Еурофарм Пелистер вечерва ги очекува еден од најважните натпревари во досегашниот дел од сезоната. Битолчани во салата „Боро Чурлевски“ го пречекуваат полскиот Вибжеже Гдањск во рамките на петтото коло од групната фаза во Европската лига на ЕХФ, во дуел кој може значително да ги одреди нивните шанси за продолжување на европската авантура.
Избраниците на Лино Червар влегуваат во овој натпревар со три освоени бода по четири одиграни кола и јасна цел – победа со која повторно ќе се вклучат во трката за пласман во следната фаза. Гостите, пак, пристигнуваат во Битола со шест бода и без пораз во досегашниот тек од натпреварувањето, а позитивен резултат ќе им обезбеди место во плејофот.
Дека станува збор за исклучително важен дуел покажува и првата меѓусебна средба, одиграна во Полска, која заврши без победник (31-31). Пелистер тогаш имаше и пет гола предност, а Филип Кузмановски со 15 погодоци беше убедливо најзаслужен за освоениот бод. Сега битолчани ќе ја имаат предноста на домашниот терен и поддршката од своите навивачи, но ќе мора да одиграат максимално концентрирано во текот на сите 60 минути.
Охрабрување за македонскиот претставник е последната европска победа над германскиот Гумерсбах (29-28), со која тимот покажа дека може да се носи и со најквалитетните противници.
Червар во пресрет на клучниот дуел направи и две промени во составот. Во тимот се враќа голманот Саид Хаидарирад, кој го пропушти претходниот европски натпревар против Гумерсбах, додека Диего Басанесе ќе го замени Ненад Белистојаноски.
Дополнителна поволност за Пелистер е кадровскиот проблем со кој се соочува полскиот состав. Гдањск во Битола пристигнува без двајцата главни пикери, па тренерскиот штаб ќе мора да се потпре на помлади ракометари на оваа позиција. Останува да се види дали оваа околност ќе успеат да ја искористат домаќините.
До крајот на групната фаза остануваат уште две кола, а само првите две екипи обезбедуваат пласман во плејофот. Затоа, за Еурофарм Пелистер ова не е само уште еден европски натпревар, туку можеби и пресвртница во сезоната.
Битола очекува нова голема европска вечер, а „зелено-белите“ ќе мора да го дадат максимумот за да останат во игра за европска пролет.
Натпреварот Еурофарм Пелистер – Вибжеже Гдањск започнува во 18:45 часот во салата „Боро Чурлевски“.

