Германецот Себастијан Фетел со болидот на Ферари иако помина прв низ целта сепак не е победник на трката за ГН на Канада.
Фетел е трагичар на трката во Монтреал во рамките на Светскиот шампионат во Формула 1. Во драматична трка со Луис Хамилтон, Германецот го одби нападот на светскиот првак и во трка со многу возбудувања прв мина низ целта. Но, тоа не значеше дека на крајот се радуваше на победата. Веднаш Себастијан Фетел заработи казна од пет секунди, која ја доби по 49-от круг поради загрозување на безбедноста на ривалот Хамилтон. Британецот тоа го искористи и откако ја мина целта, дозна дека се додаваат пет секунди на финалниот резултат на Фетел и на крајот победник во Монтреал беше Хамилтон. За Луис Хамилтон ова е петта победа ова сезона, трета по ред.
Вториот возач на Ферари, Леклер возеше феноменално во последните неколку кругови, но не успеа да ги загрози водечките возачи и заврши на третото место на подиумот. Бодови уште освоија и Ботас, Верстапен и Рикиардо.
Во генералниот пласман за светскиот шампионат Хамилтон сега е уште поубедлив на лидерската позиција, зад него се Ботас и Фетел кој останува третоппласиран. Во конкуренција на конструктори тимот на Мерцедес има убедлива предност пред Ферари по 7 одржани трки.