Продолжува доминацијата на Ред Бул во Ф1 шампионатот. Макс Верстапен од Ред Бул забележа нова победа, овој пат на легендарната „Спа Франкошамп“ во Белгија. Зад него беше неговиот колега Серхио Перез, со што Ред Бул дојде до уште една „еден-два“ победата во шампионатот.
Актуелниот светски шампион го презеде водството во седумнаесеттиот круг и сосема заслужено стигна до нов триумф во оваа доминантна сезона за својот тим, кој има шанси да биде првиот во историјата кој триумфирал на сите трки во сезоната.
Верстапен стигна до осмата последователна победа сезонава (вкупно 45 во кариерата) и десетта оваа сезона и на најдобар можен начин најавува дека повторно ќе ја освои титулата во Формула 1 шампионатот. Оваа победа за холандско-белгискиот возач е уште послатка, затоа што ја забележа на „домашен терен“, а публиката беше презадоволна од неговиот настап.
Веднаш зад двоецот на Ред Бул беше Шарл Леклер од Ферари, а зад него беше седумкратниот светски првак Луис Хамилтон, кој воедно го извозе и најбрзиот круг на трката. Бодови успеаа да освојат уште Алонсо, Расел, Норис, Окон, Строл и Цунода.
Следната трка е на програмата викендот меѓу 25 и 27 август и ќе се вози на уште еден домашен терен за Верстапен, а тоа е Големата награда на Холандија.