Американската скијачка Микаела Шифрин и понатами продолжува да испишува историја во овој спорт откако победи на слаломот што во рамки на Светскиот куп се одржа во Сестриере, Италија.
Шифрин победи со време 1:50.33 минути, додека второто место и припадна на хрватската скијачка Зринка Љутиќ со заостанување од 0,61 секунди. Американката Пола Молкан беше трета со заостанување од 0,64 секунди.
Со оваа победа Шифрин го забележа 100. триумф во Светскиот куп и 63. во слалом, во кој го држи рекордот за најмногу победи и го израмни и рекордот на Швеѓанецот Ингемар Стенмарк по број на пласмани на подиумот (155) во двете конкуренции.
Водечка во генералниот пласман и натаму е Италијанката Федерика Брињоне со 999 бодови, второпласирана е Швајцарка Лара Гут-Бехрами. Љутиќ е трета со 753 бодови, додека Шифрин е на 15. место со 377 бодови.
Следната станица во Светскиот куп е во Квитфјел, Норвешка каде се вози спуст.

