Ракометарите на Алкалоид направија голем чекор кон пласман во следната фаза на ЕХФ Европскиот куп, откако на домашен терен го совладаа словенечкиот Горење Велење со убедливи 32:23 во првиот натпревар од третото коло.
Избраниците на Кирил Лазаров по почетната предност на гостите ја презедоа контролата врз натпреварот и на полувреме заминаа со предност од 15:10. Одличната игра продолжи и во вториот дел, кога Алкалоид стигна до највисоки плус девет (20:11) и на крајот заслужено славеше.
Најефикасни во домашниот состав беа Марко Митев и Матиц Сухолежник со по пет гола, додека Никола Костески и Игор Ѓорѓиев постигнаа по четири. Марко Кизиќ запиша девет одбрани.
Реваншот во Словенија е закажан за 29 ноември, а Алкалоид ќе ја брани предноста од девет погодоци во обид да обезбеди пласман во осминафиналето.
photo: rkalkaloid

