Германскиот фудбалски клуб РБ Лајпциг ќе биде без повредениот лев бек, Кастело Лукеба, за претстојниот натпревар од Лигата на шампионите против шкотскиот Селтик, соопшти спортскиот директор на тимот, Рувен Шредер. Фудбалерот мораше да го пропушти вчерашниот тренинг и нема да биде вклучен во тимот . „ Очекуваме да играат само тие што се 100 проценти фит. Кастело не влегува во таа категорија“ – рече Шредер.
Author: dino
Потпретседателот на Фудбалската федерација на Ерменија, Армен Никхосјан, изјави дека легендата на Реал Мадрид, Раул Гонзалес, може да седне на кормилото на репрезентацијата. Поранешниот фудбалер од Шпанија е опција да го замени Александар Петраков, кој беше отпуштен во октомври. Во исто време и екипата на Шалке 04 за која на времето играше Раул, сака да го ангажира за нов тренер . 47-годишниот поранешен напаѓач сега работи со вториот состав на Реал Мадрид но, има желба да ја промени средината.
Срѓан Захариевски, денеска си замина од клупата на фудбалскиот состав Вардар. 51-годишниот стратег на девет натпревари забележа само една победа. „Захариевски не е повеќе тренер на Вардар. По вчерашниот пораз од Пелистер, двете страни спогодбено ја прекинаа соработката. За личности како Захариевски вратите во Вардар секогаш ќе бидат отворени“ – стои во објавата на „црвено-црните“. Захариевски беше третиот тренер кој во сезонава ја водеше екипата по Горазд Михаилов и Горан Петрески. Вардарци кои се последни на табелата, в сабота ги очекува меч со Шкупи.
Медиумите во Италија денеска се обидуваат да го пронајдат заменикот на Иван Јуриќ доколку челниците на фудбалскиот состав Рома се определат да му врачат отказ по серијата на лоши резултати. Прв на списокот е поранешниот менаџер на Челзи и на Евертон, Френк Лампард. Тука се споменува и португалскиот тренер, Пауло Соуса , кој работеше во Серија А на чело на Фиорентина и Салернитана а сега го води тимот на Шабаб Ал Ахли од ОАЕ. Меѓу имињата за можен тренер на „волчицата“ се издвојуваат и Роберто Манчини, Един Терзиќ, Масимилијано Алегри и Маурицио Сари.
Кошаркарот на Чикаго, Лонзо Бол, полека се опоравува од повредата на зглобот на десната рака, објавија медиумите преку „големата бара“. 27-годишниот НБА играч пред неколку денови се повреди на мечот со Мемфис и влезе во краток процес на рехабилитација. Ќе потсетиме дека Бол во изминатите две и пол години имаше големи проблемот со менискусот на левото колено и мораше да паузира подолг период.
Тренерот на фудбалерите на Монца, Алесандро Неста, реагираше на судиските одлуки на мечот со Милан. На неговиот тим кој загуби со минимални 1-0, во седмата минута му беше поништен погодок поради прекршок во напад на Ворен Бондо врз Тео Ернандез. Според легендарниот дефанзивец, тој погодок бил регуларен. „Според мене вака се руши фудбалот, тоа се луди правила. Треба да се вратиме на старото судење. Каков вид на прекршок е тоа? Нема смисла .Фудбалот порано беше поедноставен и поконтактен спорт“ – вели Неста.
Фудбалерите на Интер во текот на викендот успеаја да слават против Венеција со минимални 1-0 во меч од 11 коло во Серија „А“. Нивниот тренер, Симоне Инзаги, вели дека мора да се подобри реализацијата. „ Му честитав на тимот за одличното прво полувреме иако Михтаријан и Турам пропуштија големи шанси. Мислам дека доколку реализиравме, играта ќе ни беше полесна“ – вели Инзаги. „Нероаѕурите“ в среда во вечерниот термин од 21.00 часот ги очекува меч со Арсенал во рамките на новото коло во Лигата на шампионите.
Фудбалерот на Ливерпул, Ибрахим Конате, кој ја повреди раката на викенд-мечот со Брајтон во Премиер-лигата, ќе може да игра на наредниот меч, велат денешните информации од Англија. 25-годишниот француски репрезентативец тоа го потврди и преку социјалните мрежи. – За среќа, мојата повреда не е сериозна. Направив скен и пнема скршеница. Ќе бидам подготвен , напиша Конате на Инстаграм. „Црвените“ утре ќе играат со германскиот Баер Леверкузен во Лигата на Шампионите.
Спортскиот директор на фудбалскиот состав Арсенал, Еду Гаспар, ќе си замине од стадионот – „Емирати“, наведуваат дел од медиумите во Англија. Бразилецот кој ја презеде функцијата во 2019 година, беше клучен во купувањето на Мартин Одегард, Деклан Рајс, Габриел Мегаланес и Вилијам Салиба. Според – „Дејли Мејл“, причините за заминувањето на Гаспар не се познати. Арсенал засега нема коментар за целата ситуација.
Тренерот на фудбалерите на Барселона, Ханси Флик, се надева дека ќе продолжи победничката серија откако на претходни четири натпревари неговите избраници забележаа исто толку победи. Последната беше остварена во домашното првенство на градското дерби против Еспањол со 3 спрема 1. „Се подготвуваме за секој натпревар на најдобар начин . Сакаме така да продолжиме и да даваме 100 проценти од нашите квалитети“ – потенцираше Флик.
