Франческо Бањаја ја оствари својата седма победа во сезоната во Мото ГП, откако триумфираше на Големата награда на Австрија. Како и во вчерашниот спринт на Ред Бул Ринг, така и денеска првите километри беа решавачки во спорот за победа.
Овојпат Бањаја не можеше да го преземе врвот од Хорхе Мартин, кој го задржа водството во првиот свиок, но на самиот почеток на втората рунда Бањаја нападна и поведе, по што само еднаш беше нападнат до крајот и успеа да се задржи на врвот.
Возачот на Прамак Дукати мораше да се задоволи со второто место, додека третата позиција на подиумот ја освои Енеа Бастианини, кој веќе во првиот круг напредуваше од седмото на третото место.
Со денешната победа Бањаја отвори благо водство во битката за титулата, во која со 275 поени води со 5 разлика пред Мартин.

