Марта Басино, 26-годишната италијанска скијачка, го освои златниот медал во супервелеслалом на Светското првенство што се одржува во Куршевел Мерибел.
Басино не беше меѓу најголемите фаворити, но патеката ја помина со најмалку грешки, бидејќи најдобро се снајде во завршниот дел од патеката, каде многу од фаворитите грешеа и завршија без медали.
Басино постигна победничко време од 1:28.06, што беше за 11 стотинки подобро од Американката, Микаела Шифрин која го освои среброто. Бронзениот медал го поделија Австријката Корнелија Хутер и Норвежанката Кајса Викоф Лие, кои заостанаа 33 стотинки зад Басино.