Валтери Ботас од тимот на Мерцедес е победник на првата трка од скратениот шампионат во Формула 1. Ботас ја имаше пол позицијата и беше во водство од почеток до крај на денешната прва трка од шампионатот одржана на патеката „Ред Бул Ринг“ во Австрија за ГН на Австрија.
Долго време во текот на трката Ботас беше следен од својот колега Луис Хамилто, но сепак поради мала деконцентрација, судир и казна во самиот финиш, Хамилтон остана без подиумот. Британецот беше втор, меѓутоа во финишот имаше инцидент на патеката со Албон кој го чинеше одземање на пет секунди. Поради санкцијата кон актуелниот шампион, второто место му припадна на Чарлс Леклер од Ферари, додека подиумот го комплетираше 20-годишниот Ландо Норис од Мекларен, кој за прв пат се искачи на подимуот во кариерата.
Луис Хамилтон заврши на четвртата позиција, а по бодови освоија уште Сајнц, Перез, Гасли, Окон, Џовинаци и Фетел. Следната трка во Формула 1 исто така ќе се вози во Австрија, на „Ред Бул Ринг“ на 12 јули.