Кошаркарите на Бруклин и Минесота се пласираа во плејофот во НБА лигата, откако синоќа остварија победи во првите две плеј-ин средби од доигрувањето за пласман во завршниот дел од оваа сезона. Бруклин обезбеди плеј-оф во Источната конференција, откако синоќа го победи Кливленд со 115:108. Нетси беа предводени од извонредниот Кајри Ирвинг кој средбата ја заврши со 34 поени и 12 асистенции, а одличен настап имаше и Кевин Дурент со 25 поени и 11 асистенции.
Кливленд ќе има уште една шанса за пласман во плеј-офот и тоа против победникот од дуелот меѓу Атланта и Шарлот.
Кошаркарите на Минесота се пласираа во плеј-офот на Западот, откако го совладаа ЛА Клиперс со 109:104. Ентони Едвардс постигна 30 поени, а Расел имаше 29 поени, со шест асистенции и пет скока. Клиперси последната шанса за место во плеј-офот ќе ја имаат против подобриот од натпреварот меѓу Сан Антонио и Њу Орлеанс.