По голема драма, кошаркарите на Далас го победија ЛА Лејкерс со 127:125 во меч кој го одбележа Лука Дончиќ. Иако беше големо прашање дали словенечкиот кошаркар воопшто ќе биде подготвен за мечот, бидејќи на денот на натпреварот беше објавено дека има повреда на грбот, тој не само што настапи, туку даде и голем придонес во победата на Маверикс.
Дончиќ средбата ја заврши со 33 поени, шест скока и дури 17 асистенции и практично го доби дуелот со Леброн Џејмс, кој исто така постигна 33 поени, но со осум скока и девет асистенции.
Во ситуација кога повторно играа без повредениот Кајри Ирвинг, заедно со Дончиќ, одговорноста ја презеде и Тим Хардавеј Јуниор, кој го постигна својот сезонски рекорд од 32 поени.
Дончиќ третпат во низа одигра повеќе од 40 минути, а ова му беше осми последователен меч со 30 и повеќе поени.
Кошаркарите на Денвер го победија Чикаго на гости со 114:106, а српскиот центар Никола Јокиќ беше исклучен на крајот од првото полувреме поради конфликт со судиите.
Јокиќ се пожали дека неговиот имењак Вучевиќ го фаулирал под кошот на Чикаго, а при враќањето фрлил нешто кон судиите. Судиите донесоа одлука српскиот кошаркар да биде исклучен.
Јокиќ на теренот мина само 16 минути и мечот го заврши со четири поени, девет скока и шест асистенции. Во тимот на Денвер, кој повторно играше без Џамал Мареј, најефикасен беше Реџи Џексон со 25 поени, Мајкл Портер Јуниор постигна 17, а Џулијан Стротер постигна 16 поени.
Резултатите:
Бостон – Кливленд 120:113
Далас – ЛА Лејкерс 127:125
Чикаго – Денвер 106:114
Феникс – Голден Стејт 119:116
ЛА Клиперс – Сакраменто 119:99