Поранешниот директор на Ферари, Стефано Доменикали ќе го преземе претседателското место во Формула 1. Тој ќе дојде на местото на Чејс Кери пред почетокот на следната сезона. 55-годишниот Италијанец ќе биде назначен за нов претседател на Ф1 пред крајот на календарската година. Формула 1 сè уште официјално не ја објави веста, но тимовите биле известени за одлуката во вторникот.
Доменикали беше директор на Ферари во Формула 1 меѓу 2008 и 2014 година, а од 1998 година беше спортски директор на тимот. По заминувањето во април пред шест години, тој стана потпретседател на Ауди, а од 2016 година работи како претседател на подружницата на Фолксваген Ламборџини.
Во текот на сите овие години, Доменикали ја задржа својата позиција како директор на комисија во Меѓународната автомобилистичка федерација (ФИА). Тој беше иницијатор за реконструкција на Формула 2 и воведување на новата платформа, Формула 3.

