Викендов нема да има Гран При на Емилија Ромања на патеката Имола. Ова беше решено пред неколку минути поради лошото време, обилните врнежи од дожд и поплавите во градот Имола и регионот Емилија Ромања.
Делови од патеката се поплавени, бидејќи веќе вчера механичарите кои работат во боксот беа евакуирани од патеката, а денеска добија нова забрана за враќање на патеката. Одлуката беше донесена од страна на Формула 1, ФИА и организаторите на Големата награда на Емилија-Ромања.
Најмалку две лица загинаа овој месец во областа поради обилни дождови и поплави, а повеќе од 12 реки се излеаа од коритата и ги поплавија околните области, со сериозни одрони на места. Се излеа и реката која минува веднаш до патеката Имола-Сантерно, а посебно поплавени се и автопатиштата околу градот.
„Ова што се случува во Имола и Емилија Ромања е вистинска трагедија“, коментираше извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали.
„Ова е градот и регионот во кој пораснав и сега моите мисли и молитви се со луѓето кои станаа жртви на поплавите и со семејствата и заедниците погодени од природната катастрофа“ додаде Доменикали.
Сеуште нема информации дали трката ќе биде презакажана подоцна во текот на годината поради згуснатиот календар на Ф1, но тоа најверојатно нема да биде решено денеска.