Според непотврдени информации, Ферари му исплатил едногодишна плата на поранешниот тимски шеф Матија Биното, за возврат да не работи во Формула 1 во 2023 година. Тоа е сума од 3 милиони долари – неговата плата за 12 месеци. Првично се веруваше дека ова ограничување ќе биде за 6 месеци, за што Биното ќе добие 1,5 милиони долари.
Матија Биното поднесе оставка на крајот на ноември, таа беше прифатена и од вчера официјално на чело на Скудерија е Фредерик Васер, кој дојде од Алфа Ромео. Последниот ден на работа во Маранело на Биното беше 20 декември, бидејќи тој неодамна ја надгледувал работата на новиот болид на Ферари за сезоната во Формула 1 2023 година – болидот кој сè уште ја носи ознаката 675.
Денеска во италијанските медиуми се појавија информации за исплатата на Биното, појаснувајќи дека тој нема право да работи за друг тим во Формула 1, во ФИА и во Либерти Медиа.