Возачот на Мерцедес Луис Хамилтон ја забележа својата втора победа оваа сезона во Формула 1 шампионат и 75-та во кариерата, откако славеше во јубилејната 1.000-та трка во историјата на Ф1 шампионатот, а возена утринава за ГН на Кина. Интересно е тоа што Хамилтон беше победник и претходно на јубилејната 900-та трка која се возеше во Бахреин во 2014 година.
Болидите на Мерцедес уште еднаш покажаа дека се доминантни и дојдоа до уште една 1-2 победа, бидејќи второто место му припадна на вториот возач на Мерцедес, Валтери Ботас. Место на подиумот имаше и за еден болид на Ферари управуван од Себастијан Фетел, а зад него се пласира Макс Верстапен, Леклерк, Гасли, Рикардо, Перез, Раиконен и Албот кои освоија бодови од трката за ГН на Кина.
Дополнителниот бод за најбрз круг го освои Гасли, кој до тоа остварување стигна во последниот круг, а за најдобар возач на трката во Кина беше прогласен Александер Албон, кој тргна од последната позиција (боксот) и на крајот успеа да освои еден бод.
По оваа трка во генералниот пласман води Луис Хамилтон со 68 бода, а на втората позиција се наоѓа Валтери Ботас со 62 поени. Следната трка која не очекува е онаа која ќе се вози на патеката во Баку, за ГН на Азербејџан.