Џорџ Расел нема што да загуби со неговиот трансфер во Мерцедес следната сезона, изјави неговиот нов совозач Луис Хамилтон. 23-годишниот Британец ќе го замени Валтери Ботас во вториот болид на шампионскиот тим на Мерцедес.
„Џорџ доаѓа да учи и мислам дека има се што е потребно за да биде успешен. Нема апсолутно ништо негативно во него, напротив-тој нема што да загуби“, рече 36-годишниот Хамилтон пред италијанското ГП.
Хамилтон има 99 победи, 101 пол -позиција и голем број други рекорди, што го прави најуспешниот Формула 1 возач на сите времиња.
Шарл Леклер од Ферари ја спореди ситуацијата со сопственото искуство кога пристигна во Маранело како млад возач. Тој тогаш беше совозач на четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел.
„Има слични работи со мојата ситуација пред неколку години, кога станав совозач на Себастијан Фетел. Џорџ Расел е многу талентиран и ќе вози покрај најуспешните во историјата. Тој нема што да загуби, што е одлична позиција“, рече Леклер.