Возачот на Прамак Дукати, Хорхе Мартин е победник на трката за Големата награда на Индонезија.
Мартин кој беше најдобар и во квалификациите, успеа да ја задржи пол-позицијата и да слави нова голема победа во највозбудливиот мото шампионат на светот. На второто место заврши Педро Акоста, додека место на подиумот имаше и за актуелниот шампион Франческо Бањаја.
За Хорхе Мартин ова е трета победа сезонава, а со неа успеа да направи предност пред Бањаја од 21 поен во генералниот пласман.
Трката во Индонезија ја одбележа и инцидентот во кој учествуваше осумкратниот светски шампион Марк Маркез. Моторот на Шпанецот се запали во 12-от круг, па тој мораше да се повлече од трката.
Следната трка во Мото ГП шампионатот е идниот викенд во Јапонија.

