Двократната олимписка шампионка во скок со стап, Елена Исинбаева (Русија) која е воедно и член на комисијата на спортистите во Меѓународниот олимписки комитет, изјави дека сите во ИОК очекуваат Русија да успее до 31 декември да ги обезбеди сите документи за допинг што ги бара Светската анти-допинг агенција (ВАДА).
„Според мое мислење, ситуацијата е критична. Јас сум член на комисијата на спортистите и сите мои колеги имаат добар однос со Русија и чекаат исполнувањето на условите на ВАДА. Сите велат дека ако тоа не се случи, ќе биде катастрофа. Верувај ми, тоа не се моите зборови туку зборовите на членовите на комисијата на спортистите на ИОК ” – изјави Исинбаева.
„Може да се случи многу руски спортисти да земат друго државјанство и да заминат да живеат во други земји” – рече Русинката која ги пропушти олимписките игри во Рио де Жанеиро 2016 бидејќи меѓународната атлетска федерација не и даде зелено светло за настап.