Норвежанката, Тереза Јохаг, беше најбрза на денешната трка во слободен стил на 10 километри реализирана во рамките на Светскиот куп во нордиско скијање на патеката во швајцарскиот зимски центар Давос.
30-годишната натпреварувачка која неодамна се врати на патеката по 18-месечната казна поради допинг, успеа да ја забележи петтата победа во исто толку трки од стартот на сезоната. Норвежанката победи пред сонародничката Ингвилд Флугстад Јостберг и третопласираната, Криста Пармакоски од Финска.
Јохаг со максимален ефект или 600 бодови е лидер во рангирањето пред Јостберг (Норвешка) со 451 поени и Андерсон (Шведска) со 409 поени. Ски-тркачите сега ги очекува пауза од две недели или до 29 декември.