Синоќа се одиграа само три натпревари во кошаркарската НБА лига, поради тоа што повеќето екипи имаат проблеми со нови инфекции со коронавирус. Херој на вечерта беше Стивен Кари, кошаркарот на Голден Стејт Вориорс, кој испиша историја и стана кошаркар со најмногу погодени тројки на сите времиња.
Голден Стејт Вориорс синоќа гостуваа кај Њујорк Никс и победија со 105:96, но натпреварот го одбележа рекордот на Кари, кој стана кошаркар со најмногу тројки во историјата на НБА. Тој успеа да ги мине Реј Ален и неговиот досегашен рекорд од 2.973 тројки. Ѕвездата на Голден Стејт Вориорс постигна една тројка повеќе од него и стигна до рекордни 2.974 уште на почетокот на првата четвртина. Веднаш потоа следеше прослава во „Медисон Сквер Гарден“, каде херојот на вечерта славеше заедно со своите родители и соиграчите. Рекордот што го надмина беше стар повеќе од десет години.
„Ова е многу, многу посебна вечер за мене. Оваа сала, не можам да изразам колку е голема чест ова за мене, оваа пресвртница навистина ми значи многу“, рече Кари во телевизиско интервју по натпреварот.
Кари постигна најмалку по една тројка на 152 последователни натпревари, што е втора најдолга серија во историјата на НБА лигата.