ЛА Лејкерс синоќа на полувремето на мечот со Мемфис на посебна свеченост го повлекоа дресот со број 16 кој го носеше легендарниот Шпанец, Пау Гасол. Гасол играше за Лејкерс од 2008 до 2014 година, а со тимот од Калифорнија двапати стана шампион во НБА (2009, 2010).
„Еднаш си дете кое игра кошарка на училиште со своите другари, а потоа, додека трепнеш, одеднаш го остваруваш твојот сон. Но, денешниот настан навистина ги надминува сите мои очекувања и соништа, ми значи многу“, рече Шпанецот, придружуван од неговите родители, браќата, сопругата и децата, заедно со сопственичката на Лејкерс, Џини Бас, генералниот менаџер на Лејкерс, Роб Пелинка и Ванеса Брајант, која го имаше своето прво појавување во Crypto.com арената по комеморацијата за нејзиниот покоен сопруг.
На натпреварот присуствуваше и поранешниот тренер на Лејкерс, Фил Џексон, кој работеше со Пау во тимот од Калифорнија. Гасол стана 12-тиот играч чиј дрес Лејкерси го повлекуваат од употреба.