Возачот на Ферари Шарл Леклер е победник на денешната трка за Големата награда на Австрија. Леклер успеа да ја добие битката со Макс Верстапен, кој мораше да се задоволи со пласман на втората позиција.
Стратегијата на Ферари му донесе голема победа на „Ред Бул Ринг“, додека возачите на Мерцедес завршија зад победничката двојка, а без настап остана Серхио Перез, кој излета при еден дуел со Џорџ Расел.
Почетокот донесе многу возбудувања по што Верстапен ја задржа првата позиција. Меѓутоа Леклер беше побрз од својот конкурент, па успеа да го претекне и да застане на врвот каде што остана до самиот крај, иако во последните неколку круга се соочуваше со мали проблеми со болидот.
За две недели на програмата ќе биде трката во Франција на патеката „Пол Рикар“. Макс Верстапен останува на врвот во генералниот пласман, а сега зад него е Леклер.