Кошаркарите на Милвоки го победија Сан Антонио со 132:119, во натпревар во кој нивниот играч Демијан Лилард стана осмиот активен играч кој постигнал повеќе од 20.000 поени во НБА.
Лилард го заврши натпреварот со 40 поени, четири асистенции, три скока и три украдени топки. Тој сега има вкупно 20.034 поени и стана 51-виот играч во историјата на лигата и осмиот активен играч, кој постигнал повеќе од 20.000 поени на 794 натпревари.
Во победата на Бакс, Боби Портис постигна 23 поени и 10 скока, а Крис Мидлтон имаше 17 поени. Јанис Адетокунбо оствари трипл-дабл учинок од 11 поени, 16 асистенции и 14 скока.
Кошаркарите на Мемфис го победија Њу Орлеанс со 115:113 со кошот на Џа Морант. Морант се врати на теренот по суспензијата од 25 натпревари и постигна 34 поени со осум асистенции и шест скока.
Кошаркарите на Голден Стејт го победија Бостон по продолжение со 132:126. Стивен Кари ги предводеше Вориорс со 33 поени, постигнувајќи тројка на 12 секунди до крајот на продолжението за да ја запечати победата. Клеј Томпсон постигна 24 поени. Во тимот на Бостон, кој ја прекина серијата од пет победи, најефикасни беа Дерик Вајт со 30 поени и Џејлен Браун со 28 поени.
Портланд го победи Феникс со 109:104 и ја прекинаа серијата од седум порази.