Олимписките игри во Лос Анџелес 2028 ќе започнат со финалето на 100 метри за жени на првиот ден и финалето на 100 метри за мажи на вториот ден, вели претседателот на Светската атлетика, Себастијан Коу.
Церемонијата на отворањето на Игрите ќе биде на 14 јули, а церемонијата на затворање на 30 јули, при што атлетиката – која ќе се одржува во текот на сите денови на Игрите – ќе започне во првата недела, а пливањето во втората.
Додека го изложуваа распоредот, организаторите на Игрите рекоа дека тоа ќе бидат најголемите Олимписки игри „со 36 спортови и 51 дисциплина на 49 натпреварувачки објекти во 18 зони низ регионот на Лос Анџелес и Оклахома Сити“.
Исто така, ќе има и „Супер сабота“ на 29 јули (ден 15), во која ќе бидат вклучени 26 финалиња во 23 спортови.
„Ќе биде чест за женската трка на 100 метри да ги отвори Игрите во Лос Анџелес“, рече британската спринтерка Дина Ашер-Смит.
„Тоа е толку возбудлива можност – прославување на трајното наследство, силата и глобалната моќ на женското спринтање, точно 100 години од првиот пат кога жените се натпреваруваа во олимписката атлетика“, дополни Британката.
Атлетиката ќе се одржи на „Лос Анџелес Меморијал Колисеум“, додека првиот натпревар за медали ќе биде во женски триатлон, а последниот ќе биде во пливање.
Пливањето е поместено во втората недела за да може да се одржи на местото на церемонијата на отворањето, стадионот СоФи. Првиот официјален ден од Олимписките игри ќе вклучува и најмногу финалиња во женска конкуренција во еден ден.
„На Олимписките игри LA28 ќе има рекорден број олимпијки, при што секој тимски спорт ќе има еднаков или поголем број женски тимови во споредба со машките тимови за првпат, а 50,5% од вкупната квота за спортисти ќе биде доделена на жени во 36-те спортови и 51 дисциплина“, соопштија организаторите.

