Швајцарецот, Марко Одермат е освојувач на златниот медал во спуст на Светското првенство во алпско скијање што се одржува во Куршевел, Франција.
Водечкиот во Светскиот куп конечно ја оправда улогата на фаворит и до првото злато на Светските првенства стигна со време од 1 минута 47 секунди и пет стотинки. Ова за скијачот од Швајцарија е втор златен медал на големите натпреварувања откако минатата година триумфираше во велеслаломот на Олимписките игри во Пекинг.
Среброто му припадна на Норвежанецот, Александер Омот Килде кој заостана 48 стоти дела од секундата додека трет со 89 стотинки послабо време од победникот беше Камерон Александер од Канада.