Екипата на Мерцедес ја прослави рекордната седма последователна титула кај конструкторите во Формула 1 со виртуелна здравица со шампањ и специјални маски за лице. Најуспешниот тим во последниве години не можеше да слави како минатите години затоа што сите во тимот мораше да бидат оддалечени на пропишано растојание.
Во претходните години, вработените од Мерцедес направија тимска фотографија со директорите и возачите на Мерцедес, но во сезоната означена со Ковид-19, титулата беше обележана со виртуелна порака од секој член на тимот и мотивациски говор од лидерите. Портпарол на шампионите додаде дека е планирана и виртуелна фотографија од тимот.
„Во моментов, се собравме малку луѓе и повеќето од нашите вработени работат од своите домови, така што не може да има големи собири. Сепак, ни требаат луѓе и на лице место, бидејќи не може сè да се направи од далечина. Ние се обидуваме да најдеме начин да бидеме сите заедно“, рече еден од главните инженери на Мерцедес, Ендру Шовлин.

