Тенисерот од Австралија, Џон Милман кој успеа сензационално да го победи Роџер Федерер на отвореното првенство на САД, изјави дека ќе го памети уште долго тој момент и дека се надева на уште незаборавни спомени до крајот на турнирот. Милман во 1/4-финалето ќе игра со уште еден поранешен шампион на терените во Њујорк, Новак Ѓоковиќ – носител на 13 титули од „Гренд слем“ собирите.
„Ова е ново за мене, 1/4 финале на Гренд слем. Се обидувам да се придржувам до рутинските работи што ги правам. Се надевам дека ќе создадам уште неколку спомени. Се разбира, јас ќе се потсетувам на тоа долго, долго време“ вели Милман.
“Бев малку загрижен во почетокот, но, за време на мечот се чувствував удобно и бев многу мирен. Тоа ми помогна да одиграм одлично и да го победам“ – вели Милман кој од понеделник за прв пат ќе биде меѓу првите 40-ет тенисери на АТП листата.