Фудбалерите на Тиквеш приредија големо изненадување во дербито на 14. коло од Првата македонска фудбалска лига, совладувајќи го Вардар на Националната арена „Тодор Проески“.
Кавадарчани уште еднаш покажаа дека се во одлична форма и дека можат рамноправно да се носат со најсилните екипи во првенството. За Вардар, пак, ова е сериозен удар во борбата за врвот, особено ако се има предвид дека црвено-црните влегоа во натпреварот со амбиции за освојување на трите бода.
Интересно е што ова е уште еден непријатен дуел за Вардар против истиот противник. Тиквеш претходно славеше и со 3:1 во осминафиналето на Купот, но по административна грешка натпреварот беше регистриран со службени 3:0 за скопјани.
Кавадаречкиот состав пред оваа пресметка беше во серија без пораз од август, а на гостувањата имаше примено само четири гола. Со овој резултат Тиквеш уште еднаш ги потврди високите амбиции во тековната сезона.

