Кариса Мур (САД) која е родена на Хаваи, ја освои првата олимписка титула во женско сурфање откако во финалето на плажата – Цуригасаки, ја победи Бјанка Бутендаг од Јужна Африка. Американката го освои златото во првиот бран со резултат 7,60, на што додаде уште 7,33 во вториот за вкупно 14,93 поени. Бутендаг го заврши финалето со 8,46 поени. Титулата на Кариса Мур лесно можеше да се предвиди.Таа е четирикратен светски шампион во сурфање.
Јоланда Неф, стана олимписки шампион во планински велосипедизам на игрите во Токио.
28-годишната Швајцарка која има пет златни и два сребрени медала од светски шампионати, ја помина патеката од 20,55 километри за 1: 15,46 часа. Севкупно, Швајцарија доминираше во натпреварувањето откако Сина Фреј го освои среброто а Линда Индерганд бронзата.
Продолжуваат изненадувањата на женскиот тениски турнир на Олимписките Игри во Токио, откако денеска елиминирана беше и домашната миленичка, Наоми Осака. Јапонката беше главна фаворитка за златото, но, целосно разочара откако го загуби мечот од третото коло против Маркета Вондрусова од Чешка со 2-0 во сетови.