На денешен ден пред точно 40 години, со палење на олимпискиот оган во Сараево, на стадионот Кошево, започна церемонијата на отворање на 14. Зимски олимписки игри, прва ваква манифестација одржана во една комунистичка држава како што беше поранешна Југославија.
На Игрите, кои траеја од 8 до 19 февруари, учествуваа 1.272 натпреварувачи од 49 земји (998 машки и 274 женски натпреварувачи), со повеќе од 7.500 претставници на медиумски компании од 41 земја.
Словенечкиот скијач Бојан Крижај одржа говор на отворањето на Игрите во име на југословенските спортисти, а тогаш мегапопуларниот поп пејач Здравко Чолиќ го позајми гласот на „Волкот“, кој беше маскота на Олимпијадата.
Југословенски херој на ЗОИ 84 беше Јуре Франко, 21-годишниот скијач од Нова Горица во Словенија, кој го освои првиот медал на Зимските олимписки игри за тогашната заедничка земја. На велеслаломската трка на Бјелашница Франко беше втор.