Возачот на Мекларен Ландо Норис имаше уште една одлична трка , овој пат со фантастично возење стигна до победата на трката за Големата награда на Унгарија на патеката „Хунгароринг“. Британскиот возач на Мекларен успеа да го надмудри тимскиот колега Оскар Пјастри и со едно застанување за промена на гуми помалку, се радуваше на првата позиција на оваа трка.
Иако тргна од третата позиција и немаше добар старт, сепак успеа да се замеша во битка за првата позиција и на крајот да ја задржи иако во последните кругови беше под сериозен притисок од Оскар Пиастри, меѓутоа Австралиецот не успеа да го добие дуелот со колегата и мораше да се задоволи со второто место.
На подиумот се пласираше и Џорџ Расел од Мерцедес, кој иако имаше солидна трка сепак на крај мораше да се задоволи со трето место на поциумот. Ново фијаско на оваа трка доживеа тимот на Ферари, бидејќи човекот кој тргна на пол-позицијата Шарл Леклер и долго водеше во трката, на крајот падна на четвртото место. Сензационално на петтото и шестото место завршија ветеранот Фернандо Алонсо и младата надеж Габриел Бортолето, а бодови уште освоија Ленс Строл, Лиам Лосон, Макс Верстапен и Кими Антонели кој беа во топ 10.
Во Формула 1 шампионатот сега следува летната пауза, а следната трка е закажана на 31 август на „Зандворт“. Оскар Пиастри заминува на одмор од водечката позиција со 284 поени, а втор е Ландо Норис со 275 бодови. Понатаму следуваат Верстапен со 187 и Расел со 173. Кај конструкторите Мекларен е лидер со 559 пред Ферари со 260 бода.
Photo: Formula 1/x.com

