Пилотот на Ред Бул во Формула 1, Макс Ферстапен, триумфираше на „лудата“ трката возена за Големата награда на Германија која ја одбележаа лошото време и големиот број инциденти.
Младиот Холанѓанец благодарение на итрото возење во речиси ненормaлни услови успеа да се израдува на седмата победа во кариерата. Веднаш зад него трката ја завршија Себастијан Фетел од Ферари и Данил Квијат од екипата на Торо Росо.
Денешната трка на „Хокенхајм“ ќе биде запаметена како една од најинтересните во последните неколку сезони бидејќи донесе неверојатни пресврти и драматични случувања. Во таквата слика лошо поминаа возачите на Мерцедес. Луис Хамилтон заработи казна и излета додека Валтери Ботас на десетина круга пред крајот излета од патеката.